Живееше длабоко во пустината еден стар духовник, живееше во мир и тишина. Понекогаш кај него доаѓаа големи професори и теолози да чујат некоја духовна поука и умен збор.

 

Еден млад човек, кој му носеше храна и ги доведуваше тие луѓе кај него, еден ден дојде сам и тажен. Кога духовникот го праша зошто е тажен тој се пожали.


- О, Отец, многу од луѓето што доаѓаа кај вас и ги слушаа вашите зборови сега ги присвојуваат и се китат со нив како да се нивни!


- Убаво е тоа! - кажа духовникот.


Младиот човек се зачуди.


- Па како тоа може да биде убаво? Тие се угледни луѓе и народот нив ги слуша. Зарем не би требало да кажат дека тие зборови од вас ги слушнаа?


- Ако нивната големина послужи како мегафон да зборовите на далечина се слушнат, зарем тогаш не би требало да бидеме благодарни? Зборовите се како најубави бисери, кои најубаво го украсуваат човекот, залудна е нивната убавина ако стојат заклучени во некоја фиока, или кај мене под каменот во пустината. Нека се слободно китат со нив, тие избраа најубав накит на светот - кажа стариот духовник.




Comments