Животот се нарекува пат, оти секој од родените има свој почеток и брза кон својот крај. Секој од луѓето е насочен кон некакво поприште и секој од нас брза кон определена цел, затоа, сите сме на пат, сите сме патници во овој живот.
Два пата се на животот, спротивни еден на друг – пат широк и простран, и пат тесен и скрбен. Исто, двајца се и патеводителите – секој од нив се труди да ги привлече патниците кон себеси.
Патеводителот на мазниот и наклонет пат е измамлив – тој е лукавиот ѓавол, кој преку задоволство ги вовлекува оние, кои го следат и ги води кон погибел.
Патеводителот на нерамниот и стрмен пат е добриот Ангел – тој ги води оние кои го следат, преку подвиг во добродетелите, кон блажен крај. Додека секој од нас е момче, и се вовлекува во она, што е наслада во сегашниот живот, дотогаш тој, ни најмалку не се загрижува за иднината.
Меѓутоа, кога момчето ќе постане веќе маж, кога поимите за работите веќе се зрели, тогаш тој согледува, дека животот пред него се дели и води де кон добродетел, де кон порок; и често, загледувајќи се духовно кон работите, тој разликува што припаѓа на добродетелта и што на порокот; како последица на ова, секој човек тргнува по еден од двата пата на животот.
Животот на грешниците ги открива и претставува сите наслади на сегашниов век. Животот, пак, на праведниците ги открива само благата на идниот век. Патот на спасението колку што ветува идни блага, толку тешкотии на сегашноста открива.
Невоздржаниот и порочен живот не го продолжува тоа што ќе настапи во иднина, туку тоа што е наслада во сегашноста. Поради тоа, секоја душа оди до зачудување и не може да опстои сред размислите за животот – кога ќе размисли за вечното, таа ја избира добродетелта; кога, пак, ќе заврти поглед врз сегашниот живот, таа го претпочита задоволството!
Тука таа гледа свежина за телото, а таму – поробување; тука пијанство, а таму пост; тука необуздана смеа, а таму обилни солзи; тука танци, а таму молитви; тука музики, а таму воздишки; тука блуд, а таму – девство!
Доколку вистинското благо е разбирливо за разумот само преку верата, а сладоста на гревот во нас е непосредно достапна и се предизвикува од секое чувство, тогаш блажен е секој, кој не е вовлечен од примките на погибелното задоволство, но, со трпение ја очекува надежта на спасението, и при избор на еден од двата пата на животот, тој не стапнува на патот, кој води кон зло!
Да ни дарува Господ и на нас награда за изреченото и на вас плод од тоа, што го слушнавте, според благодата на Исуса Христа, Кому е слава и сила низ вековите – Амин.
Comments
Post a Comment
Напиши коментар