Можеш да имаш дар неспоредливо поголем од дарот да воскреснуваш мртви, да даваш вид на слепите и да го вршиш сето она, што го правеле апостолите.
Кој е тој дар? ЉУБОВТА!
Верувајте ми, тоа не се мои зборови, туку слова на Христа, Кој ви проповеда преку Апостол Павле: „Покажувајте ревност за поголеми дарби; а јас ќе ви покажам уште подобар пат“ (1. Кор. 12: 31).
Што значи: „уште подобар пат“? Мислата на Павле е следната: Коринтјаните тогаш се превознесувале со своите дарби, и присвојувајќи го дарот на јазици, кој е најмалиот од сите дарови, се гордееле пред другите; затоа и Апостолот им пишува да се вразумат: „Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бакар, што ѕвони, или кимвал, што ѕвечи. Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да ги имам сите знаења за сите работи, а и така силна вера, што и планини да преместувам, – ако љубов немам, ништо не сум“ (1. Кор. 13: 1-2).
Гледаш ли, каков е тој дар? Трудете се да го придобиете: тој е нешто повеќе од воскресение на мртви – тој неспоредливо ги надминува сите други дарови!
За доказ, дека тоа е така, се зборовите на Христа, речени во беседата кон Неговите ученици: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13: 35).
Ете зошто човекот, кој љуби, е попревосходен и пославен од оној, кој воскреснува мртви.
И тоа е справедливо: зашто воскресението целосно е плод на Божјата благодат, а љубовта е плод, пак, на неа, но и на твоето усрдие!
Љубовта е свидетелство за христијанинот, оти тој е ученик Христов, кој се распнал за светот, кој нема ништо заедничко со земното.
Без љубовта и самото мачеништво не би донело никаква полза. Обрни внимание на следното, за да се убедиш во ова: блажениот Павле на двапати ја достигнал височината на добродетелите или, поточно, во три – во чудеса, во мудрост, во живот, но без љубовта вели тој, сето ова е ништо!
Да се потрудиме да го придобиеме тој дар – да започнеме да се сакаме еден со друг: тогаш никој нема да чувствува потреба од ништо; тогаш сè во животот ќе биде лесно; тогаш сè ќе завршува со успех.
Ќе кажете: ние и сега се сакаме, ние имаме многу пријатели. Се сакате, меѓутоа, не за Бога, а за самите себеси!
Кој сака во името на Бога, тој има таква побуда кон љубовта: тој е расположен кон сите како кон свои браќа – верните ги сака како браќа – а јазичниците, јудеите и еретиците ги жали како свои браќа по природа, но, како недобри и неполезни, тој ги оплакува.
Да бидеме искрени ученици на Христа: да го носиме достојно Неговото име; да се сакаме еден со друг на дело – да постанеме жртвеници на љубовта!
Comments
Post a Comment
Напиши коментар