Љубовта повлекува тага…


 



Љубовта повлекува тага…



Нашата Дева Марија претрпе повеќе од сите жени, повеќе од сите мајки на светот, затоа што никого не повреди, никој не беше повреден а сепак ѝ направија најголема штета на целиот свет.

Тие го распнаа нејзиниот син. А кога Го виде на Крстот, срцето ја болеше многу...

Тоа може да го разбере секое суштество кое страда, и сочувствува со секој човек што трпи болка, токму затоа што знае што значи болка.

Кога душата е обземена од љубовта Божја, тогаш, о, колку е сè пријатно, љубовно и радосно! Оваа љубов, сепак, повлекува тага; и колку е подлабока љубовта, толку е поголема тагата.

Пресветата Богородица никогаш не згрешила, ниту во помислата, и никогаш не ја изгубила благодатта, но имала и големи таги.

Кога застана покрај Крстот, тогаш Нејзината тага беше огромна како океан, а болките на Нејзината душа беа неспоредливо поголеми од болката на Адам по протерувањето од Рајот, бидејќи и Нејзината љубов беше неспоредливо поголема од љубовта на Адам на небото.

А преживеала, преживеала само со Божествената сила, со силата Господова, зашто Неговата волја била Пресветата Богородица да го види Воскресението и потоа, по Неговото Вознесение, да остане утеха и радост на Апостолите и на Христијанскиот народ.

Не можеме да ја достигнеме полнотата на љубовта на Пресветата Богородица и затоа не можеме целосно да ја разбереме длабочината на Нејзината тага. Нејзината љубов беше совршена.

Таа бескрајно ги сакаше Бога и Својот Син, но ги сакаше и луѓето со голема љубов. А што чувствувала кога оние, кои толку многу ги сакала и по чие спасение толку копнеела, го распнале нејзиниот сакан Син?

Ова не можеме да го замислиме, бидејќи нашата љубов кон Бога и луѓето е мала. И како што љубовта на Дева Марија беше бесконечна и неразбирлива, така беше и нејзината болка која за нас останува неразбирлива.

Пресветата Богородица не му ги предала на Светото Писмо ниту мислите, ниту љубовта кон Својот Син и Бог, ниту тагите на својата душа во времето на распнувањето, бидејќи ниту тогаш не може да ги разбереме.

Нејзината љубов кон Бога била посилна и пожестока од љубовта на Херувимите и Серафимите, а на Неа и се восхитуваат сите сили и Ангелите и Архангелите. 


Свети Софрониј Сахаров 



Comments