![]() |
| Свети Нектариј Егински |
Христијанска учтивост
Христијаните мораат, според Божјата заповед, да станат свети и совршени. Совршенството и светоста прво се врежуваат длабоко во душата на христијанинот, а дури потоа се втиснуваат во неговите желби, во неговиот говор, во неговите дела. Така, Божјата благодат, која постои во душата, се излева врз целиот надворешен карактер.
Христијанинот мора да биде учтив кон сите. Неговите зборови и дела мора да дишат со благодатта на Светиот Дух, кој престојува во неговата душа, за да биде потврден неговиот христијански живот и прославено името Божјо.
Оној што го проверува секој збор, го проверува секое дело. Оној што ги испитува зборовите што ќе ги каже, ги испитува и делата што има намера да ги направи и никогаш нема да ги премине границите на доброто и добродетелното однесување.
Благодатниот говор на христијанинот се карактеризира со деликатес и учтивост. Тоа е она што раѓа љубов, носи мир и радост. Напротив, грубоста раѓа омраза, непријателство, тага, желба за победа [во спорови], неред и војна.
Затоа, секогаш да бидеме учтиви. Никогаш да не излегува лош збор од нашите усни, збор што не е исполнет со солта на Божјата благодат, туку секогаш да имаме благодатни говори, добри говори, говори што ќе сведочат за учтивост во Христа и развој на душата.
****
Љубов
Стекни љубов. Барај љубов од Бога секој ден. Со љубовта доаѓаат сите многубројни благослови и доблести. Љубов, за да бидеш сакан. Дај му го на Бога целото свое срце, за да можеш да останеш во љубовта. „ Бог љубов, и дека оној, кој пребива во љубовта, пребива во Бога, и Бог – во него“ (1 Јов. 4:16).
Мора да бидеш многу внимателен во твоите односи со другите и да се почитуваш еден со друг како свети лица. Никогаш не гледај во телото или неговата убавина, туку набљудувај ја душата. Внимавај на чувството на љубов, бидејќи ако срцето не се затопли со чиста молитва, љубовта ризикува да биде телесна и неприродна, ризикува да го затемни умот и да го изгори срцето.
Потребно е секојдневно да се испитува: можеби нашата љубов [кон друг] не доаѓа од нашата врска со Христос, не произлегува од нашата целосна љубов кон Господ. Оној кој е внимателен и ја одржува љубовта чиста, ќе биде заштитен од стапиците на злиот, кој се обидува постепено да ја трансформира христијанската љубов во световна и чувстивтелна љубов.
****
Искушенија
Искушенијата се испраќаат за да можат да се откријат скриените страсти за да можеме да се бориме против нив и на тој начин да ја излечиме душата. И тие се исто така знак на Божјата милост, затоа предајте се со доверба во Божјите раце и побарајте Негова помош за да ве зајакне во вашата борба. Надежта во Бога никогаш нема да доведе до очај. Искушенијата носат смирение. Бог знае колку секој од нас може да издржи и дозволува искушенија според нашата сила. Но, ние мора да внимаваме да бидеме будни и внимателни и да не се доведуваме во искушение.
Верувајте во Бога Добриот, Силниот, Живиот и Тој ќе ве одведе до место на одмор. Запомнете дека по искушението доаѓа духовна радост и дека Господ бди над оние кои трпат искушенија и страдања заради Неговата љубов. Затоа, немојте да бидете малодушни и не плашете се.
Не сакам да страдате и да се засрамувате од сè што се случува против вашата волја, колку и да е праведно и фер. Таквото страдање е доказ за постоењето на егоизмот. Внимавајте на егоизмот што се крие под маската на праведноста. Внимавајте на несоодветното жалење што се раѓа по праведен укор. Прекумерната тага е искушение. Единствената вистинска тага е онаа што се јавува кога сме добро свесни за несреќната состојба на нашата душа. Сите други таги немаат никаква врска со Божјата благодат.
Внимавајте да го чувате вашето срце, да ја заштитите радоста на Светиот Дух и да не дозволите злиот да го излее својот отров во нас. Внимавајте рајот што е во вас да не се претвори во пекол.
****
Молитва
Најважното дело на човекот е молитвата. Човекот е создаден да го слави Бога. Ова е дело кое е достојно за него. Само ова може да ја открие неговата духовна суштина. Само ова ја оправдува неговата извонредна положба во целиот универзум. Човекот е создаден да го почитува Бога и да биде учесник во Неговата Божествена добрина и блаженство.
Бидејќи е образ Божји, човекот го посакува Бога, страсно се стреми и жеднее да се вознесе кон Него. Преку молитва и химни тој се радува. Неговиот дух се радува, неговото срце скока и колку повеќе се моли, толку повеќе неговата душа е лишена од светските похоти и исполнета со небесни благослови. И колку повеќе се разделува од земното и од задоволствата на овој живот, толку повеќе ужива во небесното ликување. Нашето искуство ни докажува дека ова е вистина.
Бог ги прифаќа оние молитви што се принесуваат правилно, односно со чувство на несовршеност и наша недостојност. Но, за да постои такво чувство, потребно е најцелосно самоодрекување од нашето зло јас и покорност на Божјите заповеди, потребно е смирение и непрестајна духовна работа.
Доверете му ги на Господ сите ваши грижи: Тој се грижи за вас. Немојте да бидете малодушни и не грижете се. Оној Кој ги истражува скриените длабочини на човечката душа ги знае и вашите желби и има моќ да ги исполни како што [само] Тој може. Но, вие побарајте од Бога и не губете храброст. Немојте да мислите дека бидејќи вашиот стремеж е свет, имате право да се жалите кога вашите молитви не се слушнати. Бог ќе ги исполни вашите желби на начин за кој вие не знаете. Затоа, смирете се и повикајте се кон Бога.
Нашите молитви и молби не нè водат кон совршенство сами по себе. Господ нè води кон совршенство, Кој доаѓа и престојува во нас кога ги исполнуваме Неговите заповеди. И една од првите заповеди е во нашите животи да не се исполнува нашата волја, туку Божјата волја. И за да се исполни со точноста со која се случува на небото со ангелите. За да можеме и ние да кажеме: „Господи, не како што сакам јас, туку како што сакаш Ти, нека биде волјата Твоја како на небото, така и на земјата“. Значи, без Христос, [да биде] во нас, молитвите и молбите нè водат во заблуда.

Comments
Post a Comment
Напиши коментар