Да Го возљубиме Христос, и тогаш од нас со копнеж, топлина и со божествена љубов ќе излегува Христовото име, и ќе Го повикуваме Неговото име таинствено, без зборови. Да стоиме пред Бога со копнеж, смирено, и да одиме по Неговите траги. Христос да нѐ ослободи од секој детаљ на нашиот стар човек. Да молиме да ни дојдат солзи пред молитвата. Но внимание!
„Да не знае вашата лева рака што прави десната“.
Молете се скрушено:
„Христе мој, дали сум јас достоен да ми дадеш таков благослов?“
И тогаш тие солзи од благодарност. Трогнат сум; не ја извршував Божјата волја, но ја барам Неговата милост.
Молете Му се на Бога со радост, копнеж и љубов, во тишина, со кротост, меко, без силување. Кога ја кажувате молитвата
„ГОСПОДИ ИСУСЕ ХРИСТЕ, ПОМИЛУЈ МЕ“
кажувајте ја полека, смирено, благо, со божествена љубов. Со сладост изговарајте го Христовото име. Зборовите кажувајте ги еден по еден,
„ГОСПОДИ....ИСУСЕ...ХРИСТЕ....помилуј ме“,
благо, нежно, љубовно, молчаливо, таинствено, умствено, но и со издигање кон Бога; со копнеж, со љубов, без притисок, без присила или недолично нагласување, без стегање и грч. Како се изразува мајката, која го љуби своето дете?
„детенце мое... ќерќичке моја...сине мој“.
Со копнеж и радост!
Во тоа се сосстои целата тајна. Тука зборува срцето.
„Детенце мое, душо моја!“
„Господи мој, Исусе мој, Исусе мој, Исусе мој...“
Она што го имаш во твоето срце и во твојот ум, го изразуваш „од сето твое срце и од сета твоја душа и со сета твоја сила и со сиот свој разум.( Лк. 10, 27).
Понекогаш е добро гласно да ја кажувате молитвата
„ГОСПОДИ ИСУСЕ ХРИСТЕ помилуј ме“,
за да слушаат и сетилата, да слуша и увото! Ние сме и душа и тело, и има заемно влијание помеѓу нив. Меѓутоа кога ќе се вљубиш во Христос, тогаш ги претпочиташ молчењето и умствената молитва. Тогаш запираат зборовите. Внатрешното молчење и тихување е она што ѝ претходи, ја придружува и следи по Божјата посета, односно божественото соединување на душата со Бога. Кога ќе се најдеш во таа состојба, не се потребни зборови. Тоа е нешто што го живееш, и нешто што не се објаснува. Само оној кој ја живее таа состојба, може да ја разбере. Чувството на љубов те преплавува, те соединува со Христос. Се исполнуваш со радост и веселие, а тоа покажува дека во себе ја имаш Божјата љубов, совршената љубов. Божјата љубов е несебична, едноставна, вистинска.
Најсовршениот начин за молитва е молчаливиот. Молчење.
„Да молчи секое тело човечко“(песна што се пее на литургија на Велика Сабота, наместо херувимската песна.).
Тука се случува обожението, во молчењето, во тајната. таму се извршува вистинското богослужение. Меѓутоа, за да го доживеете тоа, треба да достигнете до таа мера. Тогаш зборовите отстапуваат.
Сетете се:
„да молчи секое тело човечко“.
Таквиот начин на молчење е најсовршениот начин. така се обожуваш. Влегуваш во Божјите тајни. Ние не треба многу да зборуваме, туку да оставаме да зборува благодатта.
Ја кажував молитвата
„ГОСПОДИ ИСУСЕ ХРИСТЕ помилуј ме“,
и се отвораа нови хоризонти. Од моите очи течеа реки од солзи на радост и веселие заради Христовота љубов и Неговата крсна жртва. Копнеж и радост! Тука се крие величието, рајот.
Овие пет збора ги кажуваш со копнеж и радост, од срце, затоа што го љубиш Христос. И така полека се губат зборовите. Срцето е толку исполнето, така што е доволно да кажеш еден збор, „ИСУСЕ мој!“, и крај, ниру еден збор повеќе. Љубовта подобро се изразува без зборови. кога една душа навистина ќе се вљуби во Господа, тогаш ги претпочита молчењето и умствената молитва. Поплавата на Божјата љубов ја исполнува душата со радост и веселие.
Таа душа претходно се извежбала во Псалтирот, Октоихот, Минеите итн., а сега зборовите запреле. Длабоко во себе го доживува Божественото смирение. Христос се наведнал и влегол во неа, и таа го чувствува Божествениот глас. Се наоѓа и во светот и надвор од светот. Се наоѓа во рајот, односно во Црквата, во несоздадениот рај.
Свети Игнатиј Брјанчанинов вели:
„многу посакувана е молитвата на срцето, многу посакувано е молчењето на срцето, многу посакувано е да живееме во најизолираната пустина, затоа што тие услови се особено поволни за молитвата на срцето и за молчењето на срцето.“
Молчењето на срцето е ништо да не те расее, и да живееш сам пред Самиот Бог.
Бог е насекаде присутен и сѐ исполнува. Се обидувам да полетам во бескрајот, во ѕвездите. Мојот ум тоне во величието на Божјата сесилност, размислувајки за растојанијата од милиони светлосни години. Сесилниот Бог го чувствувам пред мене и ги отварам рацете и ја отварам мојата душа да се соединам со Него. Да се причестам со Божеството...
Свети Порфириј Кавсокаливит
✍️ Подготвено од блогот „Поуки на Светите Старци“

Comments
Post a Comment
Напиши коментар