Ние не сме фарисеи или јуродиви - Протоереј Андреј Ткачев





 Се чувствуваме добро кога се собираме заедно на заедничка молитва.

Се молиме, слушаме, пееме, читаме, ги отвораме нашите усти, ги отвораме нашите срца, примаме благодат - со други зборови, лекуваме, прифаќаме духовни третмани за да можат нашите болни души да бидат излекувани.

Но, не можеме да се собираме на молитва седум дена во неделата. Современите луѓе се силно оптоварени со секојдневни обврски, па затоа мора да ја практикуваме молитвата дома.

Фарисејот, патем, секогаш се моли јавно, за да може да се види како се моли, и никогаш не се моли сам. Тој ужива да биде фален, сметан за побожен и прави сè за да заработи пофалби.
Јуродивиот, од друга страна, никогаш не се моли јавно. Јавно, тој се прави јуродив: го плази јазикот на сите, фрла јаболка и генерално се потсмева на светот околу себе. Но, кога никој не го гледа, тој, со здрав разум, тивко плаче на тремот, во близина на ѕидот на храмот, и му се моли на Бога за сите луѓе.

Ние не сме фарисеи или јуродиви.
Се молиме заедно, не за пофалба, туку за да ја зајакнеме нашата молитва. Благословениот Господ, воскреснат од мртвите, рече: „зашто, каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас посреде нив“ (Матеј 18:20).
Молитвата на Свети Амвросиј, епископ Милански ги содржи овие зборови: „Нека мојот ум ја почувствува благословената сладост на Твоето доаѓање и мноштвото на Твоите свети ангели околу мене“.

Душата на верникот не може а да не се моли. Верникот е исцрпен од брзањето, вревата и гужвата, мрзливото брборење, работата, интеракциите со колегите. Тој е како риба, кој се задушува од воздухот; треба брзо да се нурне во водата, во молитва, да биде со Бога таму, да разговара со Бога, да плаче, да дише. Но, исто како што современиот човек не може постојано да живее во вревата и гужвата, така не може постојано да живее во молитва. Треба да работи, да си ја врши работата.

„Но ти, кога се молиш, влези во својата скришна соба и, откако ќе ја затвориш вратата, помоли Му се на твојот Отец, Кој е во тајност; и Он, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно“ (Матеј 6:6).

Желбата за осаменост и осамена молитва се јасни показатели за здрава душа.
Луѓето кои никогаш не бараат осаменост и кои, кога се сами, не се молат, се длабоко болни; тие едноставно не го знаат тоа. И за нив нема медицинска дијагноза. Луѓето кои се плашат од осаменост, кои секогаш трчаат некаде, кон некого, во толпа и никогаш не се молат сами на Бога, за жал го сочинуваат огромното мнозинство од жителите на нашата сиромашна планета денес.
Христијанинот мора да живее поинаку.

Протоереј Андреј Ткачев

✍️ Подготвено од блогот „Православни Духовни поуки од Светите Старци“

Comments